• Саше Љолес

Реал Мадрид се наоѓа во сериозна резултатска криза на почетокот од новата сезона во Евролигата, откако најтрофејниот европски клуб доживеа три порази во првите три натпревари.
Мадриѓани загубија од Дубаи, Анадолу Ефес и Хапоел Тел Авив, по што се најдоа на последното место на табелата. Особено драматичен беше натпреварот во Софија, каде Реал прими дури 102 поени.
Тимот на тренерот Педро Мартинес во еден момент имаше негатива од дури 22 поени, но успеа целосно да се врати во натпреварот и дури да поведе со еден поен. Сепак, во завршницата Мадриѓани останаа без доволно енергија за да направат целосен пресврт.
„Имаше две различни полувремиња. Во првото лошо игравме во одбраната, а поради тоа и нашиот напад беше бавен, без ритам и без проток на топката.
Беше многу лошо. Во второто полувреме игравме поагресивно и успеавме да се вратиме во натпреварот, иако Хапоел е многу искусен тим. Дури успеавме и да поведеме со еден поен“, изјави Мартинес.
Ова е најлошиот старт на „кралевите“ во елитното натпреварување, што значи дека „алармот“ за подобрување на сликата е веќе вклучен. Следен ривал на Реал Мадрид ќе биде белградски Партизан.







