Во Барса се гневни по поразот од Реал, тренерот со критики за судиите

Реал Мадрид ја совлада Барселона со 104-98 во вториот меч од полуфиналната серија во Ендеса лигата. „Кралевите“ сега имаат водство од 2-0 и се на само чекор од финалето, но од Барселона се гневни на судиите кои ја делеа правдата и најавуваат жалба до шпанската федерација. 

Тренерот Роџер Гримау беше прилично нервозен и гневен по натпреварот, изјавувајќи дека судиите мора да ги судат контактите и за неговите играчи, а не само за оние на Реал Мадрид. 

„Очигледно е дека немаме никаква корист од контакт-играта. Не можеме да добиеме фаули од неа. Мислам дека судиите треба малку посериозно да ја сфатат работата. Имаше премногу контакти, а премалку фаули. Знам дека можеби звучи глупаво, но сметам дека сме оштетени, особено на вториот натпревар“, рече стратегот на Барса.

Каталонскиот гигант ќе има пеколно тешка мисија и мора да ги добие трите следни натпревари во серијата за да се пласира во големото финале. Со оглед на ситуацијата, мала е веројатноста за такво нешто, но навивачите се надеваат на чудо. Третиот натпревар меѓу вечните ривали е закажан за втори јуни во 18:30 часот.