• Саше Љолес

Дисциплинската комисија на Евролигата изрече високи казни за Црвена Звезда и Партизан поради инцидентите на меѓусебниот дуел од седмото коло, одигран на 22 октомври, кога црно-белите славеа со 85-82.
Црвена Звезда доби парична казна од 115.000 евра, но и дополнителна санкција - на следните пет гостувања нема да има поддршка од своите навивачи. Казната е изречена поради низа прекршоци, меѓу кои загрозување на безбедноста на присутните, навредливо навивање, употреба на ласери, фрлање предмети на теренот и влегување на навивачи во игралиштето, како и пропусти во организацијата и безбедносните мерки.
Партизан, пак, ќе мора да плати 49.000 евра. Во образложението се наведуваат употреба на пиротехнички средства и ласери, навредливо однесување, фрлање предмети и влегување на навивачи на теренот, како и недоволни безбедносни мерки. На „црно-белите“ дополнително им е изречена условна санкција за ограничување на капацитетот на салата во сезоната 2026/27, која ќе стапи на сила доколку се повтори истиот прекршок.
Црвена Звезда ќе плати и дополнителни 7.000 евра поради навредливите скандирања на своите навивачи на натпреварот против Хапоел Тел Авив од второто коло.
Со овие одлуки, Евролигата испрати јасна порака дека нема да толерира инциденти и пропусти во организацијата на натпреварите, без оглед на ривалството и значењето на дуелите.





