• Саше Љолес
Оливие Риу е 17-годишен Канаѓанец кој забива на кошевите, а притоа воопшто не се ни одразува. Тинејџерот е висок 229 сантиметри и официјално во моментов е највисок кошаркар на светот.
ФИБА објави снимка од младиот кошаркар, потсетувајќи на неговите потези од У17 Светското првенство во дресот на канадската репрезентација.
Неговите пријатели велат дека тој уште во градинка бил висок над 150 сантиметри а на 12-годишна возраст имал 213 сантиметри. Потпишал за Реал Мадрид кога имал само тринаесет години, а веќе втора година игра на престижната „ИМГ Академија“ во американската држава Флорида. Голем дел од експертите му предвидуваат НБА-кариера и остварување на детскиот сон да заигра во најсилната лига на светот.
Olivier Rioux (2.29m / 7'6)
He's throwing standing dunks at ease pic.twitter.com/gv02pZDlgq
— FIBA (@FIBA) March 22, 2023
Тренерот со кој младиот Риу работел во детството, Џои МекКетерик, изјави дека играчот се развива во повеќе од брзо темпо и му предвидува блескава кариера.
„Со секој изминат месец забележував како напредува во секој сегмент, брзина, јачина, баланс, подвижност. Тоа за него е многу важно, бидејќи високите играчи обично бавно се развиваат, но тоа не е случај кај него. Темпото со кое оди напред е повеќе од солидно, мислам дека многу набрзо ќе заигра во најсилните светски лиги“, заклучил тренерот МекКетерик.
Младиот Оливие Риу влезе во Гинисовата книга на рекорди уште на 15-годишна возраст како највисок активен кошаркар на планетата со 226 сантиметри. Потоа порасна уште три сантиметри, а можно е неговата висина уште малку да се зголеми.
Највисоки играчи во историјата се Суданецот Мануте Бол и Романецот Георге Мурешан со 231 сантиметар.