Вилсон: МЗТ е силен противник, ама ова е плеј-оф и влогот е огромен

Одличната игра и петте победи во низа придонесоа кошаркарите на Пелистер преполни со самодоверба да влезат во полуфиналната серија со МЗТ Скопје што се игра до две победи во Суперлигата на Македнија.

„Зелено-белите“ делуваат максимално подготвено за претстојните предизвици, а центарот Ленгстон Вилсон е свесен дека плеј-офот сам по себе носи обврска за уште повисоко кревање на нивото на игра. Американскиот центар на „пелистерци“ е оптимист дека серијата добри игри може да продолжи со нова победа на утрешното гостување против МЗТ Скопје.

„Среќни сме од серијата добри игри и резултати во последно време. Мислам дека го променивме интензитетот во одбраната, играме агресивно и исто така си веруваме едни на други, што дава резултат на теренот.  МЗТ е силен тим со квалитетен ростер, но верувам дека дефанзивно можеме да одиграме квалитетно тимски, а во нападот да го ограничиме бројот на загубени топки. Ова е плеј-оф кошарка, влогот е огромен, мотивацијата на највисоко ниво. Јас верувам во Пелистер, дека можеме да стигнеме до посакуваната победа ако одиграме онака како што знаеме“, вели Вилсон.

МЗТ Скопје ќе го дочека Пелистер во СЦ „Јане Сандански“ в среда во терминот од 19:00 часот. Серијата се игра во форматот „прв до два“.