Женскиот „дрим-тим“ се препоти со Франција, но по десетти пат е најдобар на ЛОИ

Репрезентацијата на САД е непобедлива сила на кошаркарските турнири од Олимписките игри. Американките по осми пат во низа го освоија златниот медал, а овој пат триумфираа над домашната селекција на Франција со конечен резултат 67-66. Иако не се прикажаа во најдобро можно издание, девојките од „дрим-тимот“ сосема заслужено успеаја да стигнат до најсјајното одличје. 

Американките делуваа малку загубено и несвојствено во првото полувреме, никако не можеа да се „одлепат“ од ривалот, додека Франција прикажа исклучително сериозен пристап и не дозволи рано да влезе во голема негатива. На паузата домашната селекција имаше нерешен резултат, 25-25. 

Играта стана малку поефикасна во третата четвртина, Франција имаше голем блесок и поведе со „плус десет“, но САД возвратија на соодветен начин и водеа со два поена во пресрет на последниот период. 

Завршните десет минути, очекувано, донесоа голема драма. Франција успеа повторно да го преземе водството (51-49), но тука започна мала резултатска вртелешка, па на три минути до крајот беше тешко да се предвиди конечниот епилог. Американките ја преземаа предноста на две минути до крајот (57-60), но одличната Габи Вилијамс постигна тројка за само еден поен негатива. САД ги искористија слободните фрлања, Вилијамс постигна нов кош во последната секунда, но ја прегази линијата и тоа беа само два поена. 

Американките на крајот заслужено триумфираа со конечен резултат 67-66, а најефикасна во победничкиот состав беше Аја Вилсон со 21 поен, додека Габи Вилијамс запиша 17 поени и 7 скокови во составот на Франција. 

За репрезентацијата на САД ова е дури осми последователен златен медал на Олимписките игри. Нивната серија започна на Игрите во Атланта, кои се одржаа во далечната 1996 година.