Вилдоза блесна во полн сјај, првенец за Црвена Звезда во Евролигата

Кошаркарите на Црвена Звезда повеќе не се на „нула“ во најквалитетното европско кошаркарско натпреварување затоа што славеа на домашен терен над Баерн Минхен (78-72) и така ги оставија „баварците“ како единствени на дното без успех.

Белграѓани во овој дуел влегоа многу мотивирани затоа што истиот беше од голема важност. Јасно е дека победата ќе влијае многу на психолошки план, пред се пред следните предизвици во Евролигата. Уште од почетокот Црвена Звезда најави дека само триумфот е опција, откако по десет минути имаше 28-17 и потоа константно водеше.

Одличен кај победникот беше новиот аргентински плејмејкер кој мечот го заврши со 20 поени, зад своето име имаше и шест скока и уште шест асистенции во период од 28 минути на теренот. Солидни беа и Добриќ (12) и Бентил (12п., 13ск.), на овој меч настапи и Недовиќ со 11 поени. Кај Баерн Минхен се истакна Винстон со 18 поени, пред Лучиќ со 12 поени.

Следното коло за Црвена Звезда носи гостување кај еден од најнезгодните противници, тоа е француски Монако. Мечот е закажан на четврти ноември.