Викендов се враќа мак-кошарката, одложен дуелот Еуро Никел - ТФТ

По неполн месец викендот ќе продолжи шампионатот на Македонија во кошарка. Кратката пауза донесе неколку промени меѓу прволигашите и една тренерска смена. Кожув продолжува со легендата Перо Блажевски на клупата, во обид да ја подобри скромната есен.

Промени се случија во играчкиот кадар и тоа главно со заминувања на некои кошаркари. Имено, лидерот и единствената непоразена екипа, Пелистер од Битола се раздели со капитенот Бојан Трајковски, Кожув остана без Чез Вилијамс и Кире Николовски, а Мустафица си замина од Работнички. Ново име во ростерот на Куманово е враќањето на Андрејевиќ, а под закана да ги загубат своите плејмејкери Вер и Џексон се МЗТ Скопје и Работнички. 

Сите прволигаши тренираа со потешкотии деновиве заради отсуства и ковид-19 позитивни членови на екипата. Добра вест за екипите е одложувањето на четвртиот „балон“ на АБА2 лигата, па МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер наместо деновиве, во Бања Лука ќе гостуваат во втората недела од следниот месец. 

Во 13. коло кое викендов ќе брои пет наместо шест натпревари најголемо внимание привлекува дуелот Кожув - МЗТ Скопје Аеродром, а скопското дерби Феникс 2010 - Работнички исто така нуди неизвесност. Пелистер е голем фаворит против Навико ФМП Академија, а дуелот Еуро Никел - ТФТ Скопје е одложен за трети февруари заради многубројни случаи на зараза со омикрон сојот на ковид-19 во двата тима.