• Горан Упале
Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс извојуваа победа над Индијана Пејсерс со 128-117, во натпревар во кој Лука Дончиќ одново доминираше на паркетот.
Словенечкиот ас го заврши натпреварот во „градот на ангелите“ со 44 поени на своето конто, заедно со девет скока и пет асистенции. Тој постигна дури 22 поени во првата четвртина, погодувајќи пет последователни тројки на почетокот, со што јасно го насочи овој натпревар во правец на „езерџиите“. Покрај Дончиќ, Остин Ривс додаде 19 поени, додека Лук Кенард броеше до 15. Во поразениот тим, Паскал Сиакам беше најефикасен со 26 постигнати поени.
Кошаркарите на Денвер Нагетс доживеаја дебакл, бидејќи се поразени од Њујорк Никс со 142-103 во нивната сала во Колорадо. Никола Јокиќ имаше нова одлична вечер, но фактот дека беше најефикасен на натпреварот со 38 поени е мала утеха за него.
Во редовите на Њујорк се истакна О Џи Ануноби со 34 поени. Џош Харт постигна 18 поени, додека Карл-Ентони Таунс имаше 17 поени и 13 скока. Денвер е на петтото место во Западната конференција на НБА лигата со 39 победи и 25 порази, а Њујорк е на третата позиција во источниот дел со скор од 41-23.
Кошаркарите на Сан Антонио Спарс направија вистински подвиг на натпреварот со Лос Анџелес Клиперс во најсилната лига во светот. Тимот од Тексас се врати од негативата од 25 поени во третата четвртина и победија со резултат 116-112, и ја продолжија својата одлична победничка серија и потера по лидерот на Западот, Оклахома.
Најзаслужни за триумфот беа Виктор Вембанџама со 27 поени, 10 скока и 4 блокади, Жулиен Шампањ со 20 и Диерон Фокс со 19 поени. Во поразениот тим, Каваи Ленард беше најпрецизен со 30 поени, заедно со Брук Лопез кој постигна 26.










