ВИДЕО: Тројката на Данило Николиќ го „замрзна“ МЗТ Скопје сред Скопје

Кошаркарите на МЗТ Скопје и Мега Лекс во акција

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја прекинаа победничката серија во АБА лигата, откако попладнево на домашен терен загубија од српскиот тим Мега Лекс со 76-77 (18-20, 21-21, 17-18, 20-18) во ладниот амбиент на СЦ “Јане Сандански“.

Мечот започна како скопјани да го потценија тимот на Мега Лекс и српскиот претставник во АБА лигата постојано доминираше до крајот на втората четвртина. Засилени со Борис Савовиќ кошаркарите од Сремска Митровица прв пат отидоа на +6 во 8. минута. 

МЗТ Скопје никако не можеше да го фати својот препознатлив ритам на игра и правеше несватливи технички грешки. Урош Луковиќ под обрачите постигна шест неодговорени поени и до одморот МЗТ Скопје намали на 39-41. 

Почетокот на третиот период за прв пат донесе предност за кошаркарите на Јончевски. Најнапред Мијатовиќ, а потоа и У. Луковиќ реализираа за +3 за скопската екипа. Но Савовиќ и Каба направија серија 6-0, со што младата екипа од Сремска Митровица во последниот период влезе со 56-59. 

Јарамаз и Ивановиќ ја презедоа одговорноста и во 34. минута Мега Лекс пак имаше солидни +5. Во само два напади Урош Луковиќ и Душко Буњиќ намалија на 66-67. Марко Луковиќ со тројка ја врати предноста на македонскиот шампион на две и пол минути до крајот (71-70). Се одеше по планот на Јончевски, но по една техничка грешка, Симеуновиќ намали на 73-72, на половина минута до крајот на мечот. Урош Луковиќ и Дреновац промашија дури три слободни фрлања и на еден напад до крајот, МЗТ Скопје имаше +2, а Мега Лекс ја имаше последната шанса. Николиќ погоди две слободни фрлања за 74-74. И кога се чинеше дека МЗТ Скопје ја има победата со +2, Данило Николиќ погоди тешка тројка за победа на 2 секунди до крајот (76-77).   

Кај МЗТ Скопје се истакнаа Урош Луковиќ со 17 и Мијатовиќ со 16 поени. Во Мега Лекс новодојденецот Савовиќ беше скоро непогрешлив и постигна 24 поени, а јунакот Николиќ даде 15. В среда МЗТ Скопје го игра градското дерби со Работнички, а в недела во првиот натпревар во новата година гостува кај Игокеа во Лакташи.