ВИДЕО: Барселона „се лизна“ во Атина

олимпијакос барселона евролига

Кошаркарите на Олимпијакос ја совладаа Барселона на домашен терен со 74-62 (14-14, 25-12, 17-14, 18-22), во меч од првото коло на ТОП 16 фазата во Евролигата. Избраниците на Сфаирополус го добија натпреварот, благодарение на цврстата одбрана, успевајќи да ја сопрат Барса на само 62 поени.

Во првата четвртина се играше изедначено, па на првата пауза се замина со резултат 14-14. Кошаркарите на Олимпијакос го решија натпреварот во втората четвртина, која ја добија со 25-12, а најзаслужен за високата предност беше Василис Спанулис, кој постигна седум од своите 11 поени во тој период.

Во третата четвртина, гостите од Барселона успеаа да намалат на -8 (34-42), но тоа беше се од нив на денешниот натпревар. Во продолжение црвено-белите од Пиреја повторно со рецептот од првиот дел, успеаа да влезат во последните 10 минути со +16 (56-40). Во четвртиот период Олимпијакос во ниту еден момент не му дозволи на каталонскиот гигант да се доближи на пристојна разлика, за на крајот да слават со убедливи 74-62. Најрасположен кај победничката екипа беше Гркот Спанулис со 11 поени и 9 асистенции, пред Отело Хантер со 9 поени. Кај избраниците на Пасквал најефикасен беше Томиќ со 16 поени. 

Во наредното коло, Олимпијакос гостува во Шпанија, кај Лаборал Куча, а Барселона впечатокот ќе го поправа на домашен терен против Химки од Русија. Претходно во оваа група се одигра и московското дерби во кое Химки ја совлада ЦСКА Москва со 91-89.