• Зоран Мишевски

Кошаркарите на Барселона им се реваншираа на шампионите на Грција, кошаркарите на Олимпијакос, за ланската елиминација во четвртфиналето на Евролигата и ги совладаа во „Палау Блауграна“ во ТОП 16 фазата со 82-66 (19-19, 26-12, 26-16, 11-9).
Шутерското шоу на момците на Чави Пасквал и неверојатната втора и трета четвртина, на Каталонците им донесе огромни +24 на влезот во последниот период. Потоа беше невозможно Пирејците да се вратат во мечот. Финалните 82-66 покажуваат дека вечерва имаше голема разлика во квалитетот на двете екипи.
Перпероглу со 16, Саторански со 14, Наваро со 13 и Дорси со 12 поени отскокнаа како двоцифрени во перфектниот шпански вицешампион. Кај Олимпијакос прво име беше Даниел Хакер со 16 поени, а потфрли Василис Спанулис. Неизвесноста во оваа група продолжува и многу веројатно клучен ќе биде мечот на големите ривали Барселона и Реал Мадрид.