Ветеранот Николас Батум се повлече од француската репрезентација

Прославениот француски кошаркар и долгогодишен репрезентативец, Николас Батум, официјално става крај на својата богата интернационална кариера. 

Батум го најави повлекувањето од националниот дрес уште минатата година, а сега официјално потврди дека заминува во пензија, веднаш по завршувањето на Олимписките игри, каде го освои сребрениот медал со својата репрезентација. 

„Време е за крај. Цели петнаесет години го носев дресот на Франција, четири пати бев на Олимписките игри, а настапив и на европските и светските првенства. Мислам дека своето го завршив, освоив седум медали и презадоволен сум од постигнатото“, изјави Батум. 

Иако се повлекува од националниот дрес, ветеранот ќе продолжи да настапува во НБА лигата, каде има договор со Лос Анџелес Клиперс до 2026 година. Батум најголем дел од кариерата ја мина во најсилната светска лига и настапуваше уште за Портланд, Шарлот и Филаделфија.