ВИДЕО: Вестбрук со нов „трипл-дабл“ испиша историја во НБА и го симна од тронот Чембрлен

Расел Вестбрук ноќва испиша нова страница во историјата на НБА лигата, откако со нова фантастична партија против Портланд Треил Блејзерс стана кошаркарот со најмногу „трипл-дабл“ ефекти по ред во најквалитетното кошаркарско натпреварување во светот. 

Неговиот тим Оклахома Сити Тандерс извојува победа од 120-111, а тој уште еднаш докажа дека е великан на оваа игра и со скор од 21 поен, 14 скока и 11 асистенции, го сруши рекордот стар половина век на легендарниот Вилт Чембрлен, кој тогаш застана на девет „трипл-дабл“ ефекти во серија. 

Сепак, Вестбрук не беше прва ѕвезда на мечот, бидејќи во редовите на победничката екипа блесна Пол Џорџ, кој исто така запиша „трипл-дабл“, но со неверојатни 47 поени, 12 скока и 10 асистенции. Кај Портланд најдобар беше Дамиан Лилард со 31 поен. 

Од ноќната програма на НБА лигата неизвесен дуел одиграа и Торонто Репторс и Бруклин Нетс, на кој на крај славеше тимот од Канада со 127-125. Иако Репторси беа апсолутни фаворити на овој дуел, неочекувано се намачија против разиграните Нетси, кои немаа решение во финишот за расположениот Каваи Ленард. Првиот ас на Торонто мечот го заврши со 30 поени, додека солидна помош доби и од новото засилување Марк Гасол, кој забележа 16 поени. 

Лука Дончиќ повторно одигра квалитетен натпревар, но немаше сили да го надигра брилијантниот Џејмс Харден, па неговиот Далас Маверикс со 16 поени разлика го загуби дуелот со Хјустон Рокетс. Словенечкиот репрезентативец мечот го заврши со 21 поен, додека „брадата“ беше прв стрелец со 31 постигнат поен.