Вестбрук формира динамично дуо во Мајами покрај Батлер!?

Сега е и официјално дека Расел Вестбрук сигурно ќе си замине од екипата на Оклахома Сити.

Наводно, за време на разговорите со челниците тој беше обвинет за сите неуспеси на клубот во последните неколку сезони. Поради тоа динамичниот плејмејкер ќе си побара друга средина каде ќе се обиде да го наметне својот огромен талент.

Претходно се споменуваше Бостон, а сега голем фаворит за неговиот потпис е Мајами. Таму ова лето пристигна Џими Батлер од Филаделфија кој не би имал ништо против да игра покрај Вестбрук.

Најголемиот проблем ќе биде високата плата на „ол-стар“ кошаркарот. Од тековниот договор со Тандерси му остануваат четири години и 170 милиони евра.

„Жешките“ од Флорида имаат неколку играчи кои би биле вклучени во евентуален трејд, а тие се Горан Драгиќ, Кели Олиник, Џастис Винслоу, Дион Вејтерс и Џејмс Џонсон.