ВИДЕО: Весели го развесели Фенер, Жалгирис победи во последна секунда

Екипата на Фенербахче на домашен терен славеше над Олимпијакос (84-77) и ја прекина црната низа од три порази во кошаркарската Евролига.

  • Фенербахче - Олимпијакос 84-77:

Тимот кој ја имаше благата фаворитска улога на хартија, до полниот плен дојде со одличната трета четвртина. Тогаш, турскиот тим изгради разлика од 13 поени (59-46) која на крајот се покажа како доволна за победа.

Чешкиот репрезентативец Јан Весели беше прво име кај победникот со 17 поени, а поддршка му беше Пјер со 14, додека кај грчкиот тим од Пиреја, најефикасен беше Бугаринот Везенков со 17 поени.

  • Жалгирис - Баерн Минхен 74-73:

Победничкиот чекор продолжи да го држи Жалгирис, кој на свое тло се избори за минималец со Баерн Минхен (74-73). Дуелот се реши во последната секунда, кога Григонис постигна „двојка“ за голем триумф и четврта победа во низа за литванскиот шампион.

  • Олимпија Милано - Басконија 79:84:

Басконија приреди изненадување и дојде до полн плен на гостувањето кај Милано (79-84). Италијанските „манекени“ контролата на мечот ја загубија во 4/4, кога дозволија противникот да влезе во ритам и со серија 6-16 да го потврди триумфот во градот на модата. Зоран Драгич беше најдобар со 16 поени, пред Анри со 15, додека кај италијанскиот тим Пунтер даде 15 поени.

  • Валенсија - Химки Москва 88-82: 

Валенсија на домашен терен беше сигурна против московски Химки (88-82). Хермансон и Вилијамс диригираа во победата на „лилјаците“ со 16+15 поени, додека кај рускиот тим најрасположен беше Мекалум со 16 поени.