• Иван Димовски
Сан Антонио се најде во сериозна неволја во финалната серија на НБА лигата, откако го загуби и вториот натпревар на домашен терен од Њујорк со 104-105 и сега заостанува со 0-2.
Иако Виктор Вембањама беше најдобар поединец кај Спарс со 29 поени, токму Французинот се најде во центарот на вниманието поради клучниот момент во самиот финиш. При резултат 104-104 и само 12 секунди до крајот, домаќините имаа напад за победа, но Вембањама ја загуби топката, што Никси веднаш го искористија и стигнаа до нов брејк во серијата. По натпреварот, младата ѕвезда не бегаше од одговорноста и отворено призна дека направил голема грешка.
„Јас ја загубив таа топка и ја преземам вината. Не одигравме доволно добро како тим и ова беше натпревар што моравме да го добиеме. Разочаран сум и сигурно ќе жалам за овој момент, но нема да дозволам да ме скрши. Напротив, ќе го искористам како дополнителна мотивација за мене и за целиот тим во следните натпревари“, изјави Вембањама.
Спарси во поголемиот дел од средбата беа во резултатска негатива, но успеаја да се вратат во игра во завршницата. Сепак, една грешка беше доволна Никси да дојдат до втора победа по ред и значајна предност во финалето.
Серијата сега се сели во Њујорк, каде што Никси пред своите навивачи ќе имаат можност да направат огромен чекор кон шампионскиот прстен.

