„Вембањама е најдобриот дефанзивец против кого сум играл“

Кошаркарот на Минесота, Џејден Мекдениелс, имаше само пофални зборови за Виктор Вембањама по елиминацијата на Минесота Тимбервулвс од Сан Антонио Спарс во полуфиналето на Западната конференција.

Спарси славеа со 4-2 во серијата, а францускиот центар уште еднаш покажа зошто важи за еден од најдоминантните дефанзивци во НБА. Посебна тежина на овие зборови им дава фактот што и самиот Мекдениелс се смета за еден од најдобрите дефанзивци во лигата.

„Вембањама е веројатно најдобриот дефанзивец против кого сум играл. Толку е висок и има огромен распон на рацете, па навистина е многу тешко да се дојде до обрачот. Тој е најдобриот дефанзивец против кого сум играл. Секоја чест“, изјави кошаркарот на Минесота за актуелниот најдобар одбранбен играч во НБА.

Сега пред Вембањама и Сан Антонио следува нов предизвик, затоа што во финалето на Западната конференција ги чека Оклахома Сити, тимот со најдобар скор на Западот во регуларниот дел од сезоната.