Велика Британија со тројки ја шокира Македонија на Симиќ!

Кошаркарската репрезентација на Македонија до 18 години доживеа нов пораз на Европското првенство (ЕП) А-дивизија во Турција, овој пат од Велика Британија (69-71) која имаше одличен шутерски ден за три и ги изненади нашите јуниори. „Црвено-жолтите“ без победа ја завршија првата групна фаза, затоа што претходно загубија и од врсниците од Израел и Франција и во осминафиналето (сите селекции играат нокаут-фаза) ќе игра со моќната Шпанија.

  • Комплетниот натпревар меѓу Македонија и Велика Британија:

Кошаркарите на Симиќ имаа доста проблеми во првото полувреме и Британците беа во „плус“. По изедначената прва четвртина (17-16), нашиот национален тим имаше проблеми во шутот, посебно за три. Полувремето го заврши со 0/11 шут за три, па затоа Велика Британија на пауза замина со предност (33-36). Параметрите за два беа изедначени процентуално, па затоа разликата не беше премногу висока. Македонија и Британија беа рамо до рамо и по паузата, во последниот квартал се влезе со 49-50 за противникот.

Разликата константно беше еден до два поени, двете екипи си го предаваа водството во последниот период, а првпат Македонија зададе удар кога поентира преку Шошќиќ на четири минути пред крајот, за 62-58. Во следните три минути не паднаа поени и на двете страни, па Британците возвратија преку Кембел со тројка (62-61) и мечот беше вистинска игра на нерви до финишот. На минута пред крајот Македонија не реализира тројка преку Димитриевски, на спротивната страна казни Кембел со петтата своја тројка на мечот (62-66). Во последните секунди Македонија имаше два поени негатива, но во клучниот напад за Британците погоди Бенџамин Мајклс кој со нова тројка (64-69) го вивна својот национален тим кон победата.

Теодор Симиќ го заврши натпреварот со „дабл-дабл“ од 19 поени и 13 скока, пред Тома Стојановски кој исто така имаше „дабл-дабл“ (14 поени и 11 скока) и Андреј Шошкиќ со 14 поени. Македонија го заврши мечот со 2/21 за три. Кај Велика Британија, која даде 11 тројки, најдобар беше Лејн Кембел со 19 поени, а Бен Браун имаше 14 поени.