„Вечното дерби“ закажано за в недела, МЗТ Скопје апсолутен фаворит

По двонеделната пауза заради настапот на националната репрезентација во квалификациите за Евробаскетот во 2021 година, овој викенд продолжуваат натпреварите од кошаркарскиот шампионат на Македонија. Останаа уште малку дилеми околу патниците во Суперлигата, а Куманово многу подобро котира од Пелистер пред последните три кола.

Сепак, во центарот на вниманието е „вечното дерби“ меѓу МЗТ Скопје и Работнички. „Металците“ в четврток го пречекуваат Динамик во АБА2 лигата, а потоа ќе се обидат да го повторат резултатот од пред неколку месеци кога славеа во „Градски парк“. Натпреварот ќе се одигра в недела од 17:30 часот.

В сабота се играат натпреварите Еуро Никел - Гостивар и Кожув - Пелистер, а покрај дуелот на скопските ривали, в недела играат и Вардар - Академија ФМП и МЗТ Скопје Уни Банка - Куманово.

Регуларниот дел од сезоната завршува на 14 и 15 март 2020 година.