„Вечното“ дерби за МЗТ Скопје, Стојановски со кош-винер го сруши Работнички 

Кошаркарите на Работнички беа на работ на сензација во „Јане Сандански“ и во самиот финиш дозволија МЗТ Скопје да се разигра и да слави епска победа во „вечното“ дерби на македонската кошарка (92-90). За големата тага на „центарци“ најзаслужен беше репрезентативецот Дамјан Стојановски, кој во самиот финиш реализира кош-винер и го одведе својот тим до големо славје против вечниот риввал. 

Иако се споменуваше дека шампионот е апсолутен фаворит во ова дерби, кошаркарите на Мираковски докажаа дека не се за потценување и одиграа фантастичен натпревар, крунисан со многу борба и тимска игра, но на крај пресуди искуството на аеродромци, кои мудро ги чекаа своите минути и кога ги добија ги искористија на најдобар можен начин и заслужено ги израдуваа своите фанови.

Домаќините помотивирано го отворија дербито и го чуваа водството на своја страна, но во самиот финиш од првите десет минути Работнички најде решение за противничката одбрана и со позитивна серија на првата мала пауза замина со предност од еден поен (21-22).

„Центарци“ и на почетокот на вториот квартал продолжија каде што застанаа во првиот. Играа брзо и атрактивно во нападот, а цврсто и подвижно во одбраната, па тоа резултираше со прва посериозна позитива од девет поени (46-55), резултат со кој се замина на одмор.

По лошите први 20 минути, Кочов имаше што да им каже на своите избраници во соблекувалната, па МЗТ во третата четвртина делуваше далеку порганизирано и поквалитетно. Од минута во минута се топеше водството на големиот ривал, во еден период МЗТ и поведе со 68-66, но сепак, во финалните 10 минути се влезе со +3 за Работнички (70-73).

Шампионот и последниот период го отвори конфузно и за пет минути постигна само шест поени, па Работнички направи нов исчекор и се искачи на пет позитива, на четири минути до крајот на натпреварот. Драмата во „Јане Сандански“ продолжи и во самиот финиш, откако Олуџоби погоди за намалување на само еден негатива, но Пиц со фантастичен влез ја врати посакуваната позитива на „центарци“. 

Но, кога беше најпотребно проработи Стојановски, кој со мајсторски поен од свртување реализира за голема победа на својот тим од 92-90. 

Херојот Стојановски со 23 поени и по пет скока и асистенции беше најдобриот поединец во редовите на победникот, додека Ерон Харис реализира 12 поени. Кај Работнички Пиц реализира 21, а Стефан Балмазовиќ 15 поени.