Вечни ривали во борба за Куп-трофејот, МЗТ го предизвикува најтрофејниот Работнички

Фановите не можеа да посакаат подобро финале за крај на овогодишното издание на Купот на Македонија.

Вечните ривали, МЗТ Скопје и Работнички, ќе се борат за престижниот трофеј, откако успешно ги минаа пречките пред финалната пресметка. Најуспешниот тим и воедно последниот победник во натпреварувањето ќе се обиде да ја продолжи доминацијата против кошаркарите од Аеродром.

На патот до финалето, избраниците на Димитар Мираковски го елиминираа Еуро Никел. Мечот донесе неизвесност во завршницата, но тројките на тимот од Градски Парк беа клучни во победата. На крајот Младеновиќ направи херојска украдена топка и го потврди учеството на Работнички во уште едно, 16. Куп-финале во својата историја.

Сензавијата ФМП Академија немаше сили против аеродромци и загуби со убедливи 92-72 во полуфиналето. МЗТ освои пет од последните осум трофеи во Купот и ќе важи за благ фаворит во пресметката со вечниот ривал. 

Последното соочување меѓу овие два ривали во финалето од Купот датира од 2018 година. Тогаш „штрковите“ предводени од МВП играчот Дамјан Стојановски запишаа победа и се израдуваа на трофејот во салата во Кавадарци. 

Големото финале меѓу МЗТ Скопје и Работнички се игра денес со почеток од 17:30 часот.