• Саше Љолес

Кошаркарските репрезентации на Канада и САД остварија нови победи во финалната фаза од американските квалификации за Светското првенство во 2027 година, кое ќе се одржи во Катар.
Канада во Квебек ја совлада Аргентина со 97-92 во натпревар од групата Ф. Најефикасен кај победникот беше Никил Александер-Вокер со 26 поени, додека Лугенц Дорт постигна еден поен помалку. Во аргентинскиот состав блескаше Николас Лапровитола со 31 поен.
Во останатите натпревари од групата Ф, Бахамите на домашен терен ја совладаа Панама со 100-82, додека Уругвај беше подобар од Порторико со 80-75.
Канада е лидер на табелата со 16 бодови и е на чекор од пласман на Мундобаскетот. Уругвај и Аргентина имаат по 14, Бахамите 12, додека Порторико и Панама се на 10 бодови.
Во групата Е, Соединетите Американски Држави во Вашингтон ја совладаа Колумбија со 104-80. Кол Свајдер беше најефикасен со 18 поени, Орландо Робинсон додаде 17, додека Џејмс Нанели, Џерон Блосомгејм и Дежон Џаро постигнаа по 16. Кај Колумбија, Брајан Ангола постигна 19 поени.
Мексико го победи Бразил со 79-74, а Доминиканската Република убедливо го совлада Чиле со 101-66.
На табелата во групата Е водат САД со 15 бодови, пред Доминиканската Република и Бразил со по 14, Мексико со 13, Колумбија со 11 и Чиле со 10. Три најдобро пласирани репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман на Светското првенство 2027 во Катар.










