Васко Aтанасов - човекот кој немаше тренерски амбиции, па „прокнижи“ шампионски хет-трик со МЗТ!

Gol.mk ексклузивно интервју

Васко Атанасов и неговиот МЗТ Скопје „запечатија“ уште една трофејна и спектакуларна сезона. Аеродромци го потврдија фаворитскиот статус и ги нанижаа сите можни трофеи, а еден од главните чинители на тимот е секако и младиот триесетиедногодишен тренер.

Gol.mk поразговара со стратегот кој донесе три шампионски титули во низа за „металците“, за сегашноста, за минатото и за сите останати предизвици. Најпрво започнавме со неговите почетоци како кошаркарски тренер, за кои рече дека дошле многу случајно во неговиот живот.

„Искрено, никогаш немав аспирации да станам тренер, не знаев дека ќе имам допирна точка со кошарката. Тоа се случи на моја 17-годишна возраст, кога заминав во Соединетите Американски Држави да се одморам и прошетам.

Имав пријател кој штотоку ја заврши кариерата и ми понуди да бидам дел од неговиот стручен штаб, каде имав прилика да работам со одлични тренери и играчи. Имав сосема други планови во животот, но кошарката ги промени.

По враќањето во Македонија, работев во мојот домашен клуб, Струмица, а потоа отпатував во Молдавија, каде исто така имав голема шанса за прогрес во занаетот. Минав две сезони таму и стекнав големо искуство.

Се вратив во Струмица, прво како помошник, а потоа и како прв тренер. Поканата од МЗТ дојде во одличен момент, работев во младинскиот погон, па преку асистентската позиција стигнав до клупата на првата екипа.

Го преземав тимот кога замина Драган Николиќ, а пред тоа работев со Дарко Радуловиќ и Александар Петровиќ. Патот некако беше логичен, секој би сакал да биде тренер на најдобриот клуб во Македонија.

Не очекував дека толку брзо ќе ја добијам оваа чест. Сите се стремиме кон успеси и секогаш имаме големи амбиции, тоа треба да биде девиза на секој тренер што доаѓа да работи во Аеродром“, порачува Атанасов.

Веднаш потоа се префрливме на штотоку завршената сезона и се осврнавме на огромните успеси. Атанасов заокружи уште една неверојатна етапа, екипата беше убедлива во Купот на Македонија, а прилично доминантно се прошета и низ финалната плеј-оф серија со ТФТ Скопје. 

„Некој можеби мисли дека беше лесно, но тоа не е баш така. Интересно е да се гледа од страна, но сезонава имавме сериозна конкуренција. Неколку тимови беа во игра за највисокиот пиедестал, а ние се изборивме за него, и тоа најмногу со домашни играчи.

Тоа е филозофијата на МЗТ, со години се трудиме да го збогатиме ростерот со кошаркари кои ќе бидат јадро на клубот и од млади таленти ќе се претворат во вистински лидери. Имаше млади играчи што јас ги наследив кога дојдов, но потоа ги доведовме Марин Петков, Марко Миловановиќ, а исто така му дадовме поголема и различна улога на Андреј Андоновски, кој дојде од вториот тим на МЗТ.

Целината се комплетира со присуството на Војдан и Дамјан Стојановски, како и искусниот Бојан Крстевски. Горд сум на сите успеси сезонава, но мислам дека уште погорд бев лани, кога го скршивме митот дека МЗТ освојува титули само поради најголемиот буџет.

Кога би се осврнал на минатите три години, единствено можам да жалам за пропуштените шанси во АБА 2 лигата“, вели Атанасов. 

Го прашавме тренерот што е потребно за да се оди скалило погоре и клубот да стане стабилен член на елитното јадранско друштво, на што добивме проширен и искрен одговор. 

„На меѓународната сцена секогаш е тешко. Треба да имате квалитетни играчи и добар ростер, но за да бидете константни, мора да се вложуваат средства. Праксата во соседството покажа дека тимовите со големи буџети постојано напредуваат.

Не велам дека парите се секогаш пресудни, но се многу важен фактор во овој спорт. Ние бевме блиску до целта во АБА 2, но загубивме од подоцнежниот освојувач на лигата.

Сезонава сакавме да го продолжиме тој процес на учество со амбиции за висок пласман, беа вратени во тимот Магдевски и Маслинко, но потфрливме во одредени моменти. Во секој случај, сите млади кошаркари добија огромно исксуство, а потоа во вториот дел од сезоната беа двигатели на екипата“.

Сакаме МЗТ да има 4-5 домашни играчи врз кои постојано може да се гради играта, дури и кога јас ќе заминам од овде. Оваа сезона конечно го остваривме тоа. Сите тие учат и напредуваат заедно со најискусните играчи, кои се и клупски легенди, а тоа се браќата Стојановски и Бојан Крстевски. Вистински професионалци кои секогаш се одличен пример за помладите. Дури и јас како тренер учам од нив секој ден.

Оваа сезона ми даде дополнителна гордост, на крајот на краиштата, не паметам кога некој тим во Македонија освоил титула и Куп со само двајца странци во ростерот. Дури и странците се однесуваа како локалци, како луѓе што биле со нас цел живот. Не се сеќавам кога тоа се случило и дали воопшто се случило. Тимот ме фасцинираше најмногу во Куп-серијата во Гевгелија, тоа беа веројатно трите најдобри мечеви сезонава“, вели стратегот на МЗТ. 

Екипата го има во таборот искусниот Крстевски, кој даде многу за клубот последниве сезони, но не можевме да не прашаме за браќата Војдан и Дамјан Стојановски - вистински икони на МЗТ, особено Дамјан, кој сезонава стигна до десет трофеи во првенството и исто толку во Купот. 

„Искрено, не знам од каде да почнам за браќата Стојановски. Ќе ви кажам само кратки примери, двајцата во разни ситуации дојдоа и играа меч на денот кога добија принова во семејството. Истото се случи и со Магдевски, навистина немам зборови за нивната посветеност.

Ова е само мала ситница, да не зборуваме за тренинзите, пристапот во играта, луцидноста и талентот. Војдан е веќе четири сезони тука, а Дамјан стана легенда и заштитен знак на клубот.

Вистински икони на мак-кошарката, не само на МЗТ Скопје. Секоја екипа сонува да има такви играчи кај себе. Целата екипа е неверојатна, горд сум што ги водам овие момци. Голем дел од нив дојдоа и на моја лична желба, a дел можеа да играат и во друг клуб, каде можеби и ќе заработуваа повеќе“, вели Атанасов. 

Првата кошаркарска лига имаше неколку квалитетни екипи сезонава. Тука секако беа ТФТ, Пелистер и Куманово, па и Работнички. Атанасов смета дека мисијата не била лесна, а воедно и ги пофали сите противници за прикажаното. 

„Ривалите беа мошне сериозни. Знаевме дека нема да биде лесно. Го надигравме амбициозниот Феникс, а потоа успеавме да го надиграме Куманово. Ги совладавме и на домашен терен, мислам дека за нив тоа беше единствен пораз пред својата публика. Таму отпатувавме и со повредени играчи, но извојувавме триумф.

Финалето со ТФТ е посебна приказна - физичка екипа, силна, со многу хемија и борбеност. Беа долго први на табелата, пресуди нашиот последен меч во регуларниот дел. На првиот меч од финалето прикажавме одлична одбрана, а во вториот беше малку потесно. Можеби многумина очекуваа „метла“ и три чисти победи, но ТФТ беше силен на третата средба на „Кале“. Не изгледавме добро, не ни одеше шутот, па поразот беше неизбежен. Иако ја стопивме нивната голема разлика, не успеавме да направиме пресврт.

Што се однесува до последниот меч, уште од стартот знаев дека ќе изгледаме многу стабилно. Одбраната беше маестрална, а бевме максимално потентни и во нападот.

На стартот од второто полувреме влеговме во мала офанзивна криза, но одбраната беше гранитна во текот на целиот меч. Мислам дека сосема заслужено победивме и почнавме повторно да славиме со нашите навивачи“. 

На крајот бевме заинтригирани за тоа каков тренер е Атанасов, дали е строг перфекционист, или можеби неговиот пристап е полежерен во однос на тренинзите и задачите за кошаркарите. 

„За тоа најдобро да ги прашате играчите (низ смеа). Јас се трудам да бидам максимално коректен со сите и да изградам другарски однос. Не сакам да барам повеќе од тоа што можат играчите.

Секако дека сакам да сме перфектни, но знам дека е нормално некогаш да имаме падови во играта. Сепак сме луѓе и сите можеме да имаме лош ден. Среќа што тоа не се случува пречесто“, со насмевка вели предводникот на аеродромци.

„Имавме неколку мечеви на почетокот од сезоната кои ги загубивме на една топка. Имавме шутеви за победа и не погодивме. Во такви моменти треба да се мотивира тимот, строгоста може да доведе до контра-ефект.

Секогаш сме професионални, од мене нема лош збор за нив, а верувам дека е исто така во обратна смисла. Тоа е можеби еден од моите најголеми успеси“, заклучи Атанасов. 

Навивачите на МЗТ Скопје веќе се во очекување на следната сезона, каде повторно ќе имаат огромни амбиции кога се работи за највисоките позиции во македонската кошарка. „Металците“ ја освоија дванаесеттата шампионска титула, повторно покажувајќи дека во моментов немаат сериозна конкуренција. 

ФОТО: КК МЗТ Скопје Аеродром/Кошаркарска федерација на Македонија/Васко Атанасов