Вардар повторно загуби, Куманово пресилен за „црвено-црните“

Екипата на Куманово дојде до третата победа во Првата Македонска кошаркарска лига со победата од 81-70 над Вардар на домашен терен. „Црвено-црните“ во петтиот натпревар го запишаа дури четвртиот пораз, а единствената победа ја остварија врз вториот состав на МЗТ Скопје

Вардарци добро го отворија натпреварот и ја добија првата четврина со 16-12, но веќе во вторите десет минути Куманово направи сериозен пресврт. Домаќинот го крена нивото на игра и ја доби втората четвртина со високи 31-14. Резултатот на полувреме гласеше 43-30 за кумановчани, а најрасположен во редовите на домаќинот беше центарот Миладиновиќ со 16 поени и пет скокови. Во таборот на гостинот се истакна Ајуда Нус, кој имаше девет поени, три скока. 

Куманово по паузата продолжи фуриозно, за само четири минути направија одлична серија и лесно водство од 20 поени разлика. Сепак, кошаркарите на Вардар ја стабилизираа својата игра и се вратија на негативата од полувремето, а третата четвртина Куманово ја доби само со 22-21. Во последниот квартал од натпреварот Вардар тргна малку подобро и со серија од 13-4 за пет минути фати каков таков резултатски приклучок. Иако ја добија последната четвртина со 19-16, сепак кризниот период од крајот на првиот и почетокот на вториот дел беа клучни за поразот на Вардар.

Најкорисен играч на натпреварот беше центарот на Куманово, Давид Миладиновиќ со „дабл-дабл“ учинок од 26 поени и 12 скока. Кај гостите Ајуда Нус го заврши натпреварот со 24 поени, а „дабл-дабл“ запиша и Робев со 13 поени и десет скокови.

Во следното шесто коло кумановчани гостуваат во Гевгелија кај Кожув, додека Вардар го дочекува големиот ривал Пелистер.