Вардар имаше сили едно полувреме, Пелистер остана во игра за Суперлигата

Во тежок натпревар, во кој Вардар играше три четвртини и повеќе од рамноправно, Пелистер сепак стигна до втора победа оваа сезона против „црвен-црните“. Битолчани славеа со 96-81, а за Пелистер дебитираше Американецот, Троран Браун, кој игра на позицијата разигрувач.

Гостите подобро започнаа, делуваа мотивирано, а американските шутери Њувеш и Провел го полбеа битолскиот кош. Со тројката на плејмејкерот Њувеш со звукот на сирената, „црвено-црните“ дојдоа до највисоки 18-30 по завршувањето на првиот квартал.  

Играта со многу подобри напади, отколку одбрани продолжи, Американците Провел и Њувеш продолжија да го полнат битолскиот кош и по две четвртини Вардар имаше десет поени предност (42-52). Битолчани се разбудија на почетокот на третиот квартал, погодуваа Мекиќ, Казарновски и Зекири и предноста на скопјани почна да се топи.

По поените на Мекиќ на средина од третиот период, Пелистер првпат поведе. Во игра со многу подобри одбрани, во последната четвртина се влезе со 68-66 за пелистерци. Четвртата четвртина започна со серија 5-0 и Радуловиќ повика минута одмор при 73-66. Играта на гостите се распадна, Думиќ и Зекири ја завршија работата и го комплетираа пресвртот. Пелистер на крајот се радуваше со 96-81 и остана во трка за Суперлигата. 

Најефикасни во тимот на Пелистер беа Зекири и Мекиќ со по 23 поени, а кај Вардар се истакнаа Провел со 26 и Њувеш со 22 поени.