Вардар и Бадел подготвени да се борат за тронот во македонската кошарка

Трета сезона по ред, финалната серија за титулата во македонското првенство ја сочинуваат екипите на Вардар и Бадел 1862.

Победник ќе биде првиот тим кој што ќе стигне до три победи, а трофејот од минатата сезона го бранат баделки.

„Сигурно е едно, дека нема да се предадеме лесно. Настрана сите повреди со кои се соочувавме во тековната сезона, сметам дека ќе бидеме и повеќе од достоен ривал за нашиот противник. Ќе мораме да ги покриеме сите позиции и да играме поагресивно. Имаме пет шанси за одбрана на титулата иако се надевам дека многу побрзо ќе ја „решиме““ , вели Анета Глигорова, тренерот на Бадел.

Кошаркарките на Вардар се надеваат на поинаков расплет од минатогодишното финале во кое загубија со убедливи 3-0.

„Овој пат притисокот не е толкав каков што беше на Купот бидејќи сепак имаме неколку шанси, да кажам некаков вид на поправен испит. Ќе се обидеме да дадеме максимум од ростерот со кој располагаме, па ќе видиме што ќе се случува“ , рече Жаклина Стојановска.

Првиот натпревар е закажан за денес во малата сала „Кале“ со почеток од 18:30 часот.