Вардар го надигра Кожув и со трет триумф во низа го сонува опстанокот

Кошаркарите на Вардар го забележаа третиот триумф во низа и славеа над Кожув со 82-70 во четвртото коло од плеј-аутот на Првата македонска лига.

  • Комплетниот натпревар помеѓу Вардар и Кожув: 

Домашниот тим многу подобро го отвори мечот и прикажа подобра игра во првите две четвртини кои ги доби во своја полза и на паузата водеше со солидни 43-26. 

Гостите од Гевгелија заиграа одлично на стартот од второто полувреме и успеаја да се вратат на само „минус седум“ поени разлика, но Вардар одново направи мини серија и по истекот на третата делница резултатот гласеше 63-52. Последните десет минути прикажаа слична слика на паркетот, Вардарци не дозволија изненадување и загрозување на предноста, а на крајот конечната победа беше изразена со резултат 82-70. 

Најефикасен во победничкиот тим беше Филип Наков со 18 поени, додека кај Кожув најдобар поединец беше Американецот Брендон Пен, кој запиша 23 поени зад своето име. 

За Вардар ова беше трет триумф во серија и „црвено-црните“ ги задржуваат шансите за опстанок во Првата лига, а во последните две кола ќе се сретнат со екипите на ФМП Академија и Охрид.