Валенсија со услуга за Ц. Звезда, Реал Мадрид го „преживеа“ Едвардс

Во рамките на 30. коло од Евролигата беа одиграни неколку натпревари кои дополнително ја заострија борбата за висок пласман пред завршницата на регуларниот дел од сезоната. Особено се истакна шпанска Валенсија, која ја продолжи серијата позитивни резултати и со новата победа се зацврсти на втората позиција на табелата.

Тимот предводен од тренерот Педро Мартинез пред својата публика успеа да го совлада литванскиот Жалгирис со резултат 91-87. Натпреварот беше динамичен и неизвесен во поголемиот дел од времето, но домаќините во клучните моменти покажаа поголема концентрација и стабилност, што им овозможи да стигнат до важна победа со која ѝ направија услуга и на Црвена Звезда која со Жалгирис се бори за местото во плеј-офот. Со овој триумф Валенсија дојде до скор од 20 победи и 10 порази, со што го задржува второто место и продолжува да биде сериозен кандидат за висок пласман во плејофот. Најефикасни во составот на шпанскиот тим беа кошаркарот со македонски пасош Омари Мур со 16 поени, додека Риверс постигна 12. Бранку Бадио придонесе со 11 поени, а Хаиме Прадиља натпреварот го заврши со 10. Во редовите на Жалгирис најрасположен беше Рајт, кој постигна 20 поени и додаде девет скокови. Силва имаше учинок од 14 поени и пет скокови, додека Браздејкис запиша 13 поени.

Во Мадрид, кошаркарите на Реал Мадрид имаа нешто потешка задача од очекуваното против италијанскиот Виртус од Болоња. Иако гостите покажаа солидна игра и долго време беа конкурентни, шпанскиот тим во финишот сепак успеа да ја оправда улогата на фаворит и да слави со 92-84. Оваа победа беше деветнаесетта за Реал во тековната сезона, што му овозможи на мадридскиот клуб да се искачи на третото место на табелата. Виртус, од друга страна, остана на 14 позиција со учинок од 13 победи и 17 порази, што дополнително ја отежнува нивната борба за подобар пласман. Во редовите на Реал најдобар беше Марио Хезоња со 19 поени и шест скокови, додека Валтер Таварес додаде 14 поени. Факундо Кампацо имаше придонес од 12 поени. Кај гостите од Болоња убедливо најрасположен беше Карсен Едвардс, кој го заврши натпреварот со 32 поени. Лука Вилдоза постигна 15 поени и подели пет асистенции, додека Ален Смаилагиќ покрај четирите поени забележа и 11 скокови.

Интересен натпревар се одигра и во Милано, каде Олимпија Милано успеа да ја совлада Барселона со резултат 87-84. Италијанскиот состав со овој триумф го подобри својот биланс на 15 победи и 15 порази и продолжува да ја одржува надежта за пласман во зоната која води кон плеј-ин натпреварите. За Барселона, пак, овој пораз претставува чекор назад во борбата за директно место во плејофот, со оглед на тоа што каталонскиот клуб сега има скор од 17 победи и 13 порази. Најпрецизен во составот на Милано беше Зак Ледеј со 16 поени. Леандро Болмаро и Шевон Шилдс постигнаа по 13, додека Џош Нибо додаде 12 поени. Брукс заврши со 11, а Девин Букер со 10 поени. Во редовите на Барселона најистакнати беа Торнике Шенгелија и Јан Весели со по 15 поени, додека Вил Клајберн натпреварот го заврши со 10. Кевин Пантер имаше скромен учинок од седум поени.