• Мартин Танасковски

Шпанскиот кошаркарски клуб Валенсија и официјално го назначи Чави Алберт за нов шеф на стручниот штаб, откако со него потпиша двегодишен договор.
Триесет и осумгодишниот стратег ќе го наследи Педро Мартинез, кој го напушти клубот по историската сезона во која Валенсија настапи на Фајнал-фор турнирот во Евролигата и ја освои шампионската титула во шпанската АЦБ лига. Алберт во изминатите три сезони беше помошник на Мартинез и добро е запознаен со системот и играчкиот кадар.
Ова нема да биде негово прво искуство како главен тренер на Валенсија. Во завршницата на сезоната 2023/24, по заминувањето на Алекс Мумбру, Алберт привремено ја презеде екипата и ја предводеше на последните 11 натпревари, обезбедувајќи пласман меѓу четирите најдобри тима во регуларниот дел од првенството.
Старо-новиот тренер роден е во Валенсија и практично целиот свој професионален развој го помина во клубот. Освен работата во првиот тим, беше дел и од младинската школа на Валенсија, а работеше и со младинските репрезентации на Шпанија.
