Валенсија донесе второ засилување од Уникаха, потпиша со Јанкубу Сима

Уникаха по стилот на игра, тимската зрелост и индивидуалниот квалитет минатата сезона беше како тим од Евролигата. Логична последица од ова беше големиот интерес за играчите на Уникаха. Тимот од Малага веќе ги загуби Дилан Осетковски и Тајсон Картер, кои ги засилија српските вечни ривали Партизан и Црвена Звезда а Валенсија им го „украде“ Камерун Тејлор.

Сепак, „лилјаците“ не застануваат тука, откако ангажираа уште еден неодамнешен ас на тимот во зелено-виолетов дрес. Јанкубу Сима, гамбијско-шпанскиот кошаркар, пристигна во сончевата Валенсија и потпиша тригодишен договор со клубот.

Сима е третото засилување на шпанскиот претставник во елитата оваа сезона, бидејќи „лилјаците“ веќе претходно го ангажираа споменатиот Тејлор, како и центарот на Асвел, Нил Сако. Нема сомнеж дека Валенсија гради конкурентен тим за враќањето во Евролигата.