• Мартин Танасковски
По неуспешната сезона во дресот на Панатинаикос, кошаркарот со македонски пасош Ти-Џеј Шортс е на чекор до нов трансфер и кариерата најверојатно ќе ја продолжи во редовите на Валенсија.
Според информациите на грчкиот портал „СДНА“, американскиот плејмејкер ги договорил сите услови со шпанскиот клуб и наскоро треба официјално да стане нов член на „портокаловите“. Шортс во Валенсија ќе пристигне како замена за Жан Монтеро, кој е пред преселба во Олимпијакос.
Поранешниот кошаркар на Париз уште одамна донел одлука да ја промени средината во потрага по поголема слобода на теренот и можност повторно да ја достигне формата што го направи еден од највозбудливите играчи во Европа.
Во својата дебитантска сезона во Евролигата, Шортс беше вистинска сензација. Тој го предводеше Париз до плејофот со просек од 18,7 поени, 2,7 скока и 7,5 асистенции по натпревар, наметнувајќи се како еден од најдобрите организатори на игра во натпреварувањето.
Одличните партии му донесоа богат договор со Панатинаикос, но работите во Атина не се одвиваа според очекувањата. Американецот не успеа да се наметне во системот на Ергин Атаман и често беше во втор план, што значително влијаеше врз неговата минутажа и улога во тимот.
Во Валенсија веќе игра еден кошаркар со македонски пасош, тоа е Омари Мур, а исто така во минатото дресот на клубот го носеше Ненад Димитријевиќ.
