ВИДЕО: Вајт ја „победи сирената“, Бостон слави во луд меч и избори мајсторка!

Кошаркарите на Бостон Селтикс приредија чудо, анулираа негатива од 3-0 и изборија мајсторка во источното финале против Мајами Хит. Ниту во шестиот натпревар, трет во низа, тимот од Флорида не успеа да ја искористи „меч топката“, па Селтикси со нов „брејк“ се вратија и славеа во луд натпревар со 103-104. 

  • Извештај од натпреварот:

Средбата во „Касеја Центарот“ во Мајами понуди неизвесност, гостите беа подобри и почесто водеа, меѓутоа дојде до драма на крајот. Иако Бостон имаше и двоцифрена позитива пред крајот, ама „жешките“ дојдоа до израмнување и неизвесен финиш. Мајами беше пред победа, бидејќи на три секунди до крајот водеше со 102-103. 

Аут од страна изведе Дерек Вајт, одговорноста ја презеде Смарт и шутна за три поени. Тој не успеа да погоди, но топката падна под кошот и на неа налета Вајт, кој во скок само ја поттурна во обрачот со 0,2 секунди до крајот. Судиите и никој во салата не беше сигурен дали Вајт ја исфрли топката навремено, па имаше видео проверка. Откако арбитрите утврдија дека шутот е регуларен, започна славјето на Селтикси. 

Најдобар на паркетот беше Џејсон Тејтум со 31 поен и 12 скока, додека му помогна и Браун со 26 поени и десет скока. Кај Мајами, „дабл-дабл“ учинок впишаа Батлер, Мартин и Адебајо.

Мајсторката се игра ноќта меѓу понеделник и вторник во 02:30 часот во Бостон.