Вајли со победа на европското деби за Сарагоза

Кошаркарите на Касадемонт Сарагоза со победа ги стартуваа натпреварите од втората, плеј-оф, фаза во ФИБА Лигата на Шампионите. 

Нашиот репрезентативец Џејкоб Вајли, нивното ново засилување, го имаше својот деби настап во ова европско натпреварување.

На првиот натпревар од групата Л, на гостувањето кај Динамо Сасари, силното крило на нашиот национален тим не беше во стартните пет на тимот од Сарагоза која стигна до сигурен триумф од 95-83.  

Вајли одигра 20:02 минути на деби-мечот во Лигата на шампионите како играч на Сарагоза. На крајот, дојде до ефект од 13 поени со висок процент на реализација од поле (6/8 во шутот за два, и 1/2 за еден поен), а имаше и четири скока, три асистенции, три блокади, и по една освоена и една загубена топка за тоа време во игра.