Вајли: Секој кој е дојден тука игра за државата за која го брани дресот!

Американскиот кошаркар Џејкоб Вајли ќе биде дел од финалните 12 во ростерот на Македонија за следниот предизвик на нашата кошаркарска селекција и дуелот против Ирска.

Силното крило во нашиот национален тим очекува да го продолжиме оној процес на „растење“ на оваа селекција почнат во летните претквалификации за Светскиот Куп. А првиот успех дојде на почетокот на оваа нова кампања, преку која се стигнува до билет за Европското првенство во 2029 година.

„Моите очекувања се да играме исто како летоска и да се надоградиме. Дури и тогаш, кога загубивме неколку меча, се боревме и се држевме со ривалите, растевме како тим, затоа што имавме доста млади играчи во ростерот. Победивме во нашиот последен домашен меч, сега на почетокот на овој циклус, победивме уште еден, исто така на домашен терен, па сакаме да продолжиме со таа низа и пак да победиме.

Се наоѓаме во процес на изградба, се уште го бараме оној перфектен ритам, имаме и некои други играчи, некои повратници, па се надевам дека низ овие натпревари ќе го продолжиме процесот. Никого не го преценуваме, никого не го потценуваме“, смета Вајли.

Македонија беше убедлива против селекцијата на Азербејџан, а сега следува противник кој има поголем рејтинг на светската листа.

„Секој кој е дојден да игра во овие претквалификации е дојден да игра за државата за која го брани дресот и за тимот, па знам дека и Ирска ќе игра за својата гордост. Не смее никого да го сфатиме како лесна задача, туку мора да се бориме.

Имаме квалитет и искуство за тоа прво место за следната фаза, но како што кажав, сакам да видам борба и мора сите да го направиме тоа заедно“, дополнува нашиот адут во играта под кошевите.

Натпреварот против Ирска го играме во недела попладне, од 18:00 часот во националната кошаркарска Арена во Даблин.