Вагнер: Елиминацијата на Србија беше голем шок, сите мислеа дека ќе бидат шампиони!

Кошаркарот на германската репрезентација и еден од лидерите на тимот, Франц Вагнер, изрази огромно задоволство од освоената европска титула на „панцерите“, но се осврна и на првиот фаворит за златниот медал пред почетокот на првенството - а тоа е селекцијата на Србија. 

Вагнер смета дека неговата репрезентација сосема заслужено се искачила на тронот, иако признава дека и самиот ја гледал Србија како главен кандидат за оваа позиција. 

„Искрено, бев многу изненаден од елиминацијата на Србија. Тоа беше голем шок за целата кошаркарска јавност. Имаат прекрасен тим, составен од многу ѕвезди на оваа игра. Сакав да играме против нив, но судбината посака нешто друго. 

Не би сакал да навлегувам во детали, нивниот стручен штаб најдобро знае што се случило. Што се однесува до Германија, мислам дека сосема заслужено сме шампиони. Ова е прекрасно чувство за нас“, изјави Вагнер. 

Германија ја победи Турција во големото финале и по вторпат во историјата се закити со најсјајното одличје од континенталните собири.