Ужасното прво полувреме го чинеше МЗТ пораз од Феникс

Кошаркарите на Феникс 2010 запишаа голема победа над шампионот МЗТ Скопје од 73-69, во натпреварот од 18. коло на Првата македонска лига. Средбата која се одигра во малата сала при СЦ „Јане Сандански“ понуди голема борба, а ланскиот првак многу го чинеше ужасната игра во првото полувреме. Иако се вратија од минус 20, избраниците на Атанасов не успеаја да слават во драмата на крајот. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Феникс 2010 и МЗТ Скопје:

Момците на Дервишевиќ имаа неверојатен влез во натпреварот, отворија фуриозно, а на спротивната страна ривалот не беше на нивото и Феникс поведе со високи 20-2. Аеродромци се обидуваа да се вратат резултатски, во вториот период пријдоа најблизу на минус девет (24-15), ама пак следеше опуштање и серија на номиналниот домаќин од 13-2 за највисоки 20 разлика. На полувреме се замина со нешто пониска позитива на Феникс (39-24). 

Третиот период во целост му припадна на МЗТ бидејќи успеа да ја стопи разликата. Откако на семафорот стоеше 49-35, шампионот уфрли 13 поени во низа без да дозволи ниту еден во својот обрач за минус еден (49-48). На стартот на последната четвртина „штрковите“ кратко и поведоа, но тогаш Феникс пак се врати до плус со добра серија. 

Ви завршницата фаворитот успеа да дојде до егал (65-65), меѓутоа тогаш следеа неколку нереализирани чисти шута и Феникс знаеше тоа да го казни, па на крајот дојде до победата. 

Најефикасен играч на мечот беше Јозеф Рис од Феникс со 22 поени, а кај МЗТ се истакна Војдан Стојановски со 18.