Ужас за МЗТ во Суботица за крај на настапите во АБА2-лигата

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје ги заврши настапите во АБА2-лигата. „Штрковите“ убедливо загубија на гости кај Спартак Суботица (98-64) и така застанаа во полуфиналето.

Кошмарен натпревар одиграа аеродромци, во кој цело време беа во негатива и тоа висока. Лошиот старт веќе веднаш му пресуди на МЗТ, затоа што шутерите на Спартак блескаа, дадоа 8/10 тројки во воведните две четвртини и така си изградија висока разлика.

По првите десет минути, Спартак имаше 25-20, а експлозијата на домашните пристигна во вториот квартал, кога го задржаа МЗТ на само 12 постигнати поени и на пауза заминаа со +25 (57-32). Вториот дел од мечот беше само формалност за домашните, кои против немотивираниот ривал ја одбранија високата позитива.

Најдобар стрелец на мечот беше Барна со 19 поени, пред Лазиќ со 12 постигнати поени, додека кај МЗТ, Ворку даде десет, а Робев и Војдан Стојановски дадоа по осум поени. За МЗТ сега следи плејофот на домашната сцена, каде има натпревари со ТФТ Mozzart.