• Зоран Мишевски

Изминатиот викенд во Скопје се одржаа селективни тренинзи за генерациите 2012 и 2013 во организација на Кошаркарската федерација на Македонија
Успешно реализирани селективни тренинзи за генерациите 2012 и 2013
Во машка конкуренција на селективнините тренинзи беа опфатени вкупно 150 млади кошаркари од двете возрасни категории, додека кај девојките на тренинзите учествуваа 60 перспективни кошаркарки.
Повозрасните генерации во машка и женска конкуренција во текот на мај и јуни ќе учествуваат на два меѓународни турнири во Романија и Турција, додека помладите селекции ќе бидат дел од националниот развоен камп кој федерацијата ќе го организира на крајот од јуни.
Сите млади кошаркари покажаа одлично ниво на техничко-тактичка подготвеност, голема мотивација и дисциплина во работата, следејќи ги насоките на тренерите Мартин Атанасовски кај машките и Никола Петровски кај девојчињата.
„Задоволни сме од одѕивот и квалитетот кој го покажаа младите кошаркари. Се гледа дека клубовите работат добро со овие генерации. Имаме талентирана група на деца со добар потенцијал. Нашата цел е постепено да ги подготвуваме за идните репрезентативни предизвици. Турнирите кои следуваат ќе бидат одлична можност да видиме како реагираат во меѓународна конкуренција“, потенцира Мартин Атанасовски, тренер на машките селекции.
Задоволен од пристапот и желбата за работа кај девојчињата имаше и Никола Петровски, тренер на женските тимови:
„Многу сум задоволен од пристапот и желбата за работа кај девојките. Покажаа сериозна посветеност и добра кошаркарска основа. Овие активности се многу важни за нивниот развој и за создавање на идната база на женската репрезентација. Продолжуваме со работа и внимателно ќе го следиме нивниот напредок“.
Федерацијата и во наредниот период ќе продолжи со вакви активности со цел систематски развој на младите категории и создавање на идни репрезентативци на Македонија.