Уште еден екс-играч на МЗТ Скопје се пресели во НБА

Нуни Омот, некогашниот член на МЗТ Скопје во следната сезона ќе се натпреварува во најсилната кошаркарска лига на светот – НБА.

Одличниот крилен центар постигна договор со тимот на Њујорк Никс, и стана вториот поранешен кошаркар на македонскиот шампион што ќе игра во кошаркарската елита, по Хасани Гравет.

Американецот со кениско потекло во МЗТ Скопје настапуваше во сезоната 2019/20, но дресот на аеродромци го носеше само три месеци.  Тогаш поради семејни причини го напушти Скопје и се врати во САД.

Омот настапи на пет натпревари за МЗТ Скопје Аеродром во АБА2-лигата со просек од 14,2 поени, 3,8 скока и една асистенција. Во домашното првенство, пак, запиша две средби, на кои просечно реализираше 18,5 поени, 4,5 скока и една асистенција.