Украинскиот селектор: Сигурен сум дека ќе ги имаме Михаљук и Лен

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Украина, Ајнарс Багатскис во интервју за прес-службата на Украинската федерација, изрази надеж дека украинските репрезенти во НБА лигата, Олексеј Лен и Свјатослав Михаљук многу брзо може да бидат составен дел од националниот тим на Украина за идните квалификациски натпревари.

„Би сакал да ви кажам дека имаме многу новости и сè може да стане јасно во наредните денови. Сигурен сум дека ќе ги имаме Михаљук и Лен. Тие навистина сакаат да бидат со нас и претпоставувам дека наскоро ќе бидат со нас. Тоа е сè за сега, што можам да кажам за тоа“, се надева искусниот летонски стручњак.

Репрезентацијата на Украина тренира во Италија каде се подготвува за наредните квалификациски мечеви за пласман на Светскиот Куп 2023, прво против против Грузија, потоа на четврти јули со нашата селекција, во натпревар кој ќе се игра во А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, и со Шпанија, на неутрален терен (веројатно во Естонија).  

Инаку, Олексиј Лен минатата сезона настапуваше за екипата на Сакраменто Кингс, а Свјатослав Михаљук ги претставуваше Торонто Репторс во НБА лигата.