Удар за МЗТ: Крстевски се повреди пред клучните плеј-оф битки во АБА-2

Сериозен проблем го снајде МЗТ Скопје во пресрет на четвртфиналниот двомеч во АБА-2 лигата против екипата на Широки

Тренерот Васко Атанасов во следните три до четири седмици нема да може да смета на еден од носителите на играта, центарот Бојан Крстевски. Македонскиот репрезентативец го повреди прстот на десната рака на мечот против ТФТ на последниот АБА-2 „балон“, па поради тоа истиот мораше да му биде имобилизиран. Досега Крстевски ги пропушти преостанатите два дуели на тој „балон“, како и пресметките со Вардар и ФМП Академија, а ќе го нема и на следните предизвици, веројатно до крајот на април. 

МЗТ в петок дома игра против Гостивар во првенството, а потоа следната среда го дочекува Широки во „Јане Сандански“ во првиот четвртфинален меч. Реваншот се игра седум дена подоцна на гостински терен, а веројатно и при пласман во полуфиналето, МЗТ ќе мора да игра без Крстевски. 

Според официјалниот календар на АБА-2 лигата, полуфиналните мечеви би се играле на 24 април и први мај, па тешко е да се очекува Крстевски да биде подготвен за настап. Ова е голем удар за Атанасов и МЗТ, меѓутоа ќе мора останатите да го покријат отсуството на искусниот центар.