Убава спортска приказна: Младо момче со МЗТ маичка ќе си го исполни сонот

Многу спортисти низ светот уште од мали нозе имаат омилени клубови и спортски херои. Таква е приказната на Андреј Андоноски од МЗТ Скопје, момче кое израсна во населбата Аеродром и сега ќе му се исполни сонот - да заигра за омилениот клуб. 

Шампионот на земјава објави интересна фотографија од пред десетина години, од младо момче со очила во маичка со знакот на МЗТ Скопје. Сега, по долги години, многу тренинзи и пролиена пот, Андоноски ќе заигра за „штрковите“ откако го потпиша својот прв професионален договор. 

„Чувството е извонредно. Уште од првите моменти кога почнав да тренирам, гледајќи ги тренинзите и средбите на МЗТ Скопје, во мене се создаде голема љубов – не само кон спортот, туку и кон самиот клуб. Растејќи низ улиците во Аеродром, ова ми беше сон, кој сега и ми се оствари. Многу ме израдува фактот што голем број на љубители на кошарката, особено аеродромци, позитивно го прифатија мојот ангажман во МЗТ Скопје.

Поддршката од трибините е еден од клучните фактори за успешна екипа. Со враќањето на Фемили на трибините се врати и жарот кај кошаркарите на МЗТ Скопје. Се надевам дека трибините ќе бидат полни во претстојната сезона и дека МЗТ ќе се бодри и во добро и во лошо“, изјави Андоноски.

Андоноски потпиша договор со МЗТ Скопје на три сезони, со можност за продолжување на уште една. Во минатата сезона 20-годишникот настапуваше за вториот тим на „штрковите“, веќе го познава системот и ќе му биде на располагање на Ацо Петровиќ.