• Мартин Танасковски
Голем скандал ја потресе НБА лигата, откако американските медиуми објавија дека кошаркарската ѕвезда Џејмс Харден бил уапсен во Тексас и обвинет за противзаконито носење оружје.
Според информациите на „TMZ“, полицијата го привела Харден во саботата наутро, откако во неговото возило бил пронајден пиштол. Наводно, оружјето било оставено на видливо место во автомобилот и не било сместено во соодветна футрола. По приведувањето, Харден бил пуштен на слобода со кауција, а првото рочиште по случајот е закажано за 22 јуни. Засега не се познати дополнителни детали околу инцидентот, ниту пак дали кошаркарот или неговите претставници ќе дадат официјален коментар за обвинувањата.
Харден е едно од најпрепознатливите имиња во НБА во последната деценија. Професионалната кариера ја започна во 2009 година, кога беше избран како трет пик на драфтот од Оклахома Сити Тандер, а подоцна настапуваше за неколку од најголемите франшизи во лигата. Во сезоната што неодамна заврши, тој настапуваше за Кливленд Кавалирс, кои беа елиминирани во финалето на Источната конференција од Њујорк Никс.