Тврдо и борбено полувреме, Македонија минимално подобра од Романија во Куманово

Кошаркарската репрезентација на Македонија минимално води по првиот дел против Романија (32-31) во првото претквалификациско коло за Светското првенство. Натпреварот во „Спортската сала Куманово“ понуди тврд и не многу атрактивен прв дел по кој избраниците на Марјан Илиевски имаа минимално водство. 

По неколкуте грешки и романско водство од 0-6 конечно Македонија реализира две акции во контра преку Андреј Магдевски и Џејкоб Вајли. Откако гостите поведоа со 4-12 следуваше целосно будење на Македонија и серија од 12-0. Во неа прво пет поени врза Андреј Митревски погодувајќи тешка тројка од десет метри и две слободни фрлања, потоа погоди Адем Мекиќ за два, а двојка и тројка врза Вајли. За крај на четвртината погоди и Амар Хот за 18-17.

На стартот на втората четвртина се влезе со цврста одбрана, а селекторот Илиевски бргу побара тајм-аут за совети. Не помогнаа советите, па Романците врзаа нови поени и поведоа со 20-27. Успеавме да се консолидираме, четири поени врза Мекиќ за 27-29 и романскиот селектор побара минута одмор. Следуваше тројка на Теодор Симиќ за враќање на македонската предност (30-29).

Убедливо најдобар по првиот дел беше Џејкоб Вајли кој уфрли 15 поени за нашиот национален тим, додека по пет имаа Мекиќ и Митревски.

ФОТО/PHOTO: FIBA