Турски гигант се враќа на големата сцена преку учество во НБА Европа

Турскиот гигант Галатасарај активно работи на можноста да стане дел од новото европско кошаркарско натпреварување - „НБА Европа“. Претседателот на турскиот клуб, Дурсун Озбек, откри дека разговорите со претставниците на НБА и потенцијалните инвеститори продолжуваат, а повеќе детали би можеле да бидат познати до крајот на годината.

Озбек за амбициите на клубот зборуваше на годишното собрание на Галатасарај, нагласувајќи дека целта е екипата повторно да се врати меѓу најдобрите во европската кошарка.

„Нашиот машки кошаркарски тим ја започна сезоната со големи амбиции. Продолжуваме со разговорите со претставниците на НБА и инвеститорите за проектот НБА Европа. Подоцна во текот на годината ќе ви соопштам добри вести. Крајната цел ни е да се вратиме на највисокото ниво на европската кошарка и да изградиме долгорочен успех“, изјави Озбек.

Според досегашните планови, новото натпреварување би требало да започне во сезоната 2027/28 и да вклучува 16 екипи. За 12 клубови се предвидени постојани места, додека преостанатите четири би се пополнувале преку квалификации и резултатите во натпреварувањата под капата на ФИБА. На тој начин, клубовите би имале можност да се изборат за место во лигата и преку спортскиот успех.

Галатасарај веќе покажа голем интерес за учество, а евентуалното вклучување во проектот би било значаен чекор во обидот на истанбулскиот клуб повторно да се наметне на меѓународната сцена.

Сепак, тимот има променлив почеток на сезоната 2026/27. Во турското првенство досега забележа по една победа и пораз, додека во групната фаза од Лигата на шампионите на ФИБА стартуваше со пораз.

Раководството на Галатасарај паралелно работи на резултатите на теренот и на долгорочните планови за развој, а влезот во НБА Европа би можел да биде еден од клучните чекори во таа насока.