„Трошевме илјадници долари на стриптиз, можевме да нахраниме цела населба“

Поранешниот НБА шампион, Џеј Ар Смит, зборуваше со американските медиуми на повеќе теми, а најинтересен беше делот кога се осврна на раскошниот, но и развратниот живот што го водат дел од ѕвездите. 

Смит освојуваше титули со Клвиленд и Лос Анџелес Лејкерс и заработи огромни парични средства во текот на кариерата, но смета дека можел да биде помудар и попаметно да ги троши парите. 

„Повеќе сакавме да потрошиме 60 илјади долари на стриптиз, отколку да нахраниме 2500 луѓе во нашето маало. Бев себичен, мислев како да дојдам до брендирана јакна, панталони или скап автомобил. Парите што ги дадов за доцнење на тренинзи, можев да ги дадам на својата заедница, таму каде што израснав. 

Многумина се угледуваа на мене, на некои им бев и идол, но тие не ја знаеа мојата себична страна. Тогаш не гледав така на работите, но сега ми е навистина жал. Некои НБА ѕвезди „фрлаат“ пари на неверојатни глупости, а дел од нив се оддаваат на дрогата и алкохолот. Од тој пат нема враќање и сите знаеме каде може тоа да ве одведе. Познавам неколкумина кои бараа и помош за да се одвикнат од наркотиците, иако клубовите не знаеја ништо за тоа“, изјави Смит. 

Џеј Ар Смит имаше прилично успешна кариера и скоро никогаш не се наоѓаше на „жолтите страници“, но сепак, за првпат јавно изнесе детали од својот живот, кои не се баш најпријатни за споделување. За време на активната кариера, Смит настапуваше за Њу Орлеанс, Денвер, Њујорк, Кливленд и ЛА Лејкерс, а неговиот севкупен просек изнесува 12.9 поени по натпревар.