• Иван Димовски

Кошаркарите на Куманово и вторпат го одбранија домашниот терен, па со победа од 90-72 над Кожув се на чекор од полуфиналето во плеј-офот на Првата македонска лига. Избраниците на Марин Докузовски пред својата публика во Куманово стигнаа до висок триумф над ривалот од Гевгелија пред серијата да се пресели во овој град.
- Комплетниот натпревар меѓу Куманово и Кожув:
Уште од стартот кумановци се наметнаа, тргнаа фуриозно и направија предност од 12-2. Имаше домаќинот највисоки „плус 14“ во првата четвртина, Кожув направи налет и стигна до 21-15, меѓутоа бргу домашните се консолидираа и на првата пауза се замина со 28-16. Се обидоа гевгеличани да се вратат во втората четвртина, пријдоа на „минус четири“, ама потоа следуваше сериозен пад на концентрацијата. Куманово тоа добро го искористи и до полувремето стекна сериозна предност од 53-31.
Кожув буквално „се распадна“, на стартот на вториот дел предноста достигна и максимален плус од 32 поени за Куманово (65-33). Се продолжи во тој ритам и со истото темпо, а гостинот успеа барем да се консолидира. Откако беше јасно дека победата ќе му припадне на Куманово, домашниот тим се опушти и му дозволи на ривалот да го ублажи поразот. Така Кожув стигна до „минус 18“ на крајот на мечот, што е доста подобро од повисоката негатива која ја имаше.
Одлично беше водечкото трио на кумановци, Радукиќ заврши со „дабл-дабл“ од 23 поени и 12 скока, а Луковиќ и Тадиќ имаа слични 19 поени и 10 скока. Во таборот на Кожув се истакна Филип Пилепиќ со 23 поени.