Трофеен француски клуб и поранешен евролигаш испадна во втора лига

Француската ЛНБ-лига е едно од најсилните кошаркарски натпреварувања во Европа. Сезоната е пред самиот крај а неколку екипи ќе се борат во разигрувањето за титулата. Ле Ман, Шоле, Париз, Гравелинс и Стразбур се во најтесна трка за уште три места во „плеј-офот“, а интересно е тоа што екипата на По Ортез после цела деценија ќе се пресели во второлигашкото друштво. 

Поранешниот евролигаш одигра очајна сезона во францускиот шампионат и забележа скор од само 11 победи и дури 22 порази, доволни за претпоследното место на табелата и веќе математички По Ортез е член на втората лига. Еден од најтрофејните клубови во француската историја имаше големи проблеми годинава и сосема заслужено се сели во ранг подолу. 

По Ортез освои девет шампионски титули во Франција, а во периодот меѓу 1995 и 2004 година шест пати беше национален првак. Екипата беше редовен учесник во Евролигата, но сега навивачите ќе мораат да го бодрат својот тим во втората лига и да му дадат поддршка во тешките моменти за клубот. 

Во меѓународните натпреварувања, По Ортез забележа најголем успех во Евролигата во сезоната 1986/87, кога заврши како третопласиран тим, а во 1984 година беше освојувач на Купот Радивој Кораќ.