• Зоран Мишевски

Екипите на Борец баскет, Ангели и на Соколи 1933 остануваат на делба на лидерската позиција и по девет одиграни кола во второлигашката конкуренција. Драчевци беа убедливи на дуелот против екипата на Работнички 2018, во кој славеа со резултат 97-72, па сега тимот кој го предводи тренерот Игор Гацов има ефект 7-2.
Атанасов дојде до 23 поени, Стојанов, Ибраими и Чурлинов запишаа по 10 поени за победничката екипа. Во онаа поразената, Цветковски беше стрелец на 16 поени, Павловски даде 13, а Димковски уште 12 поени.
Слично издание прикажаа и кошаркарите на Борец баскет кои дојдоа до планирана победа во дуелот со конкурентот на на табелата струшки Црн Дрим со 87-73. Еден од најискусните на теренот, Штерјов, беше и најдобриот стрелец во домашниот состав. Реализираше 23 поени, по 15 постигнаа Петровиќ, Стојковиќ и Карталовиќ, додека 11 поени додаде Бојчев.
Во екипата од Струга, блескаше уште еден млад играч, Камиловски, кој изброја 34 поени, додека по 13 поени запишаа Здравковиќ и Шабани.
Најубедлив настап од екипите на врвот на табелата имаше онаа од Штип. Соколи 1933 со +40 ги испрати младите играчи на МЗТ Скопје Уни Банка за главниот град, победи со 93-53. Костадинов реализираше 30 поени за екипата од Штип, Шајкаров имаше 10, кај гостите, Ангеловски даде 16, а Масевски уште 11 поени.
Втора лига (м)
Деветто коло:
Охрид – Мега баскет 76-66
Ангели – Работнички 2018 97-72
Маџари – Бутел 79-73
Борец баскет – Црн Дрим 87-73
Соколи 1933 – МЗТ Скопје Уни Банка 93-53
Понеделник: Академија ФМП – Партизан Водно Санс